Руската војска утринава извршила ракетен напад врз Киев, при што загинало најмалку едно лице, соопштија украинските власти.
„Вака Путин сака да ја заврши војната. Русија изврши ракетен напад врз Киев и околината“, изјави началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак.
Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко изјави дека најмалку едно лице загинало во нападот, а избувнале и неколку пожари, пренесе Хина.
Предупредувањето за воздушен напад дојде по почетокот на нападот, што значи дека украинската одбрана не го забележа нападот користејќи радар.
Не се знае кои проектили употребила руската војска во оваа прилика.
Медиумите објавија дека се слушнале бројни експлозии кои звучеле како украинска противвоздушна одбрана.