Задушувањето на протестите во Грузија е неприфатливо, а Европската унија (ЕУ) стои со грузискиот народ во неговата борба за слобода и демократија, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Каја Калас.
Таа на социјалната мрежа Х изјави дека бруталното задушување на мирните демонстранти, новинари и политичари во Тбилиси е неприфатливо, пренесува Anadolu.
„Грузија не ги исполнува очекувањата за кандидат за членство. ЕУ стои со народот на Грузија во нивната борба за слобода и демократија“, напиша Калас.
Грузиската полиција уапси неколку лица во неделата по судирот со проевропските демонстранти кои се обидоа да го блокираат патот што го поврзува центарот на Тбилиси со западниот дел на главниот град.
Извикувајќи антивладини слогани, демонстрантите побараа ослободување на приведените и уапсените во првите недели од протестите.
И покрај предупредувањата на полицијата, демонстрантите накратко го блокираа патот, што доведе до судири со полицијата.
За време на судирите беа приведени неколку демонстранти.
Грузија доби статус на кандидат за членство во ЕУ во декември 2023 година, а владата ги одложи пристапните преговори до 2028 година.
Протестите против одлуката на грузискиот премиер Иракли Кобахиџе да ги прекине преговорите за членство во ЕУ до 2028 година траат од 28 ноември минатата година.