Грчките власти испратија специјални сили, спасувачки тимови, шатори и дронови на островот Санторини откако во областа беа регистрирани стотици сеизмички потреси.
Поради страв од посилен земјотрес кој може да предизвика цунами, на луѓето им беше препорачано да го избегнуваат брегот и напуштените згради, да ги испразнат базените и да избегнуваат големи собири во затворени простори.
Министерството за цивилна заштита соопшти дека училиштата во понеделник ќе бидат затворени како мерка на претпазливост.
„Ништо не можеме да исклучиме. Затоа се воведуваат мерки на претпазливост за да се ограничи влијанието на посилен земјотрес“, вели Костас Папазахос, професор по геофизика на Универзитетот Аристотел во Солун.
Грција лежи на повеќе раседни линии и често е потресена од земјотреси, но експертите ја опишаа зголемената сеизмичка активност во период од 48 часа, со регистрирани повеќе од 200 земјотреси, како драматични, иако нагласија дека земјотресите биле предизвикани од тектонски, а не од вулканска активност.
Папазахос вели дека многу од овие земјотреси биле со јачина помеѓу 4 и 4,5 степени според Рихтеровата скала, а најсилниот е забележан во водите меѓу Санторини и Аморгос.
Спасувачките тимови поставија шатори на издигнати области на кошаркарските терени и паркинзи до недела навечер.
Во случај на цунами, на луѓето им било кажано да се упатат кон внатрешноста, пишува Гардијан.
Сеизмологот Герасимос Пападопулос рече дека сè е можно, но нагласи дека е забележана зголемена сеизмичка активност „во морето на значителни растојанија од островот, за среќа“.
Санторини е една од најпопуларните туристички дестинации во Грција.
Една од најголемите ерупции во историјата, околу 1600 п.н.е., го формирала островот во неговата сегашна форма.
Последната ерупција во таа област се случила во 1950 година.