Русија соопшти дека имала „отворени“ разговори со новиот де факто лидер на Сирија, бидејќи се обидува да ги задржи своите две воени бази во земјата, но одби да коментира што бара тој за возврат, пренесува Ројтерс.
Сириски извор запознаен со разговорите изјави за Ројтерс дека новиот лидер Ахмед ал Шара побарал од Москва да го предаде поранешниот сириски претседател Башар ал Асад, кој побегна во Русија кога бунтовничките сили го соборија од власт во декември.
Сириската новинска агенција Сана објави дека Дамаск сака и Русија, која го поддржуваше Асад за време на граѓанската војна, да ја врати довербата преку „конкретни мерки како компензација, реконструкција и закрепнување“.
Запрашан да потврди дали од Русија е побарано да го екстрадира Асад и да плати компензација, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков одби да коментира, пренесува Ројтерс.
Русија, чии војници и воздухопловни сили со години го поддржуваат Асад против сириските бунтовници, се обидува да ја задржи својата поморска база во Тартус и воздухопловната база Хмејмим во близина на пристанишниот град Латакија.
Нивната загуба сериозно ќе ја ослаби нејзината способност да проектира моќ во регионот.