Британскиот премиер Кир Стармер денеска пристигна во посета на Украина, каде се очекува двете страни да потпишат договор за продлабочување на постоечките одбранбени односи и зајакнување на економските врски, пренесоа британските медиуми.
Наводно, програмата на посетата вклучува средба меѓу британскиот премиер и украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Се очекуваат дискусии за тоа какви безбедносни гаранции може да ѝ понуди Велика Британија на Украина, вклучително и можноста британските војници да учествуваат во мировната мисија, пишува Гардијан.
Британската влада соопшти дека Стармер и Зеленски ќе потпишат договор за „100-годишно партнерство“ во Киев кој опфаќа повеќе области, вклучувајќи одбрана, наука, енергија и трговија.
Договорот и политичката декларација ќе бидат претставени пред британскиот парламент во наредните недели, пренесува Ројтерс.
Ненајавената посета на Стармер е негова прва посета на Украина по преземањето на функцијата во јули.
Тој ја посети земјата во 2023 година кога беше лидер на опозицијата, а со Зеленски разговараше двапати во Лондон откако стана премиер.
Зеленски и Стармер им оддаваат почит на загинатите бранители на Украина во Киев
Зеленски и Стармер им оддадоа почит на загинатите украински бранители на плоштадот Михајловски во Киев.
„Заедно со премиерот на Велика Британија се потсетивме на паднатите бранители на Украина. Оддаваме почит и се сеќаваме на подвизите на нашите војници. Светло сеќавање за сите кои ги дадоа своите животи бранејќи ја Украина“, рече Зеленски на Телеграма, пренесе Укринформ.