Поранешниот секретар на рускиот Совет за национална безбедност и лојален слуга на Путин, Николај Патрушев, ги разбранува духовите со изјава за рускиот весник Комсомолскаја Правда.
Во интервјуто во кое ја анализираше глобалната и геостратешката ситуација како што се приближува инаугурацијата на Трамп, Патрушев ја истакна можноста Украина да не го дочека крајот на годината.
„Не може да се исклучи Украина да престане да постои оваа година“, рече Патрушев во интервјуто.
Поранешниот директор на ФСБ и сегашен помошник на рускиот претседател изјави дека режимот во Киев одамна пропаднал.
– Тие се распаднаа уште пред специјалната воена операција во 2022 година поради насилната неонацистичка идеологија и жестоката русофобија – одговори Патрушев на прашањето за територијални отстапки кои би можеле да бидат дел од мировните преговори.
Патрушев е убеден дека Украина нема да биде приоритет на Трамп и дека најмногу ќе се фокусира на Кина.
– Тој ги истакна своите интереси за Гренланд, Панамскиот канал, Мексико и Канада. Прекројувањето на светската мапа за сопствени интереси и мешањето во работите на земјите на различни континенти е американска традиција“, рече Патрушев.
Коментарите на Трамп за Зеленски и неговото постојано инсистирање дека ќе ја прекине војната за 24 часа, предизвикаа загриженост дека неговата администрација може да изврши притисок врз Киев да прифати мир под услови поволни за Русија.
Но, Украина не е единствената земја која би можела да исчезне од лицето на земјата до крајот на годината.
Патрушев, а очигледно и Кремљ, се убедени дека и Молдавија ќе ја доживее истата судбина доколку го продолжи својот пат кон евроатлантските интеграции.
– Нема да ја исклучам можноста агресивната антируска политика на Кишињев да резултира Молдавија или да стане дел од друга држава или целосно да исчезне како држава – рече Патрушев.