Пратениците во Грција денеска почнаа да расправаат за предложениот закон со кој ќе се заострат правилата за краткорочно изнајмување на станови на туристи, вклучително и забрана за користење на пренаменети магацини и подруми без прозорци.
Реновираните магацини, подземните простори и поранешните индустриски згради ќе бидат отстранети од платформите за изнајмување според предложените измени, пренесува АП.
„Подрумите повеќе нема да бидат дозволени за употреба: просторите за изнајмување мора да служат како примарни простори за живеење, со природна светлина, вентилација и климатизација“, рече министерката за туризам Олга Кефалојани.
Неколку опозициски пратеници ја обвинија централно-десничарската влада дека ги игнорира социјалните трошоци и оптоварувањето на ресурсите предизвикани од порастот на туризмот и повикаа на посеопфатни ограничувања за изнајмување.
„Дозволувате концентрација на краткорочни изнајмувања во области популарни кај туристите. Тоа драстично ги менува населбите и ги раселува постојаните жители“, изјави денеска во парламентот левичарската пратеничка Калиопи Вета.
Предлог-законот, кој, исто така, воведува подетални безбедносни и оперативни стандарди за местата за изнајмување за одмор, треба да биде изгласан кон крајот на овој месец.
Во Атина, пред една година беше воведена забрана за нови регистрации за краткорочно изнајмување во популарните области како Колонаки, Кукаки и Егзархија, со прекршување казниво со 20.000 евра.
Изнајмувањето за одмор помогна да се прошири клучната туристичка индустрија во Грција, која сочинуваше 13 отсто од бруто домашниот производ на земјата во 2023 година, но исто така го зголеми притисокот врз потрошувачката на домаќинствата поради високите кирии, наведува агенцијата.
Владата во Атина рече дека промените имаат за цел да ги балансираат придобивките од туризмот со достапноста на становите и нудат даночни олеснувања за сопствениците на имот што ќе се откажат од краткорочните изнајмувања.
Грција очекува приходите од туризмот да достигнат рекордни 22 милијарди евра во 2025 година со проектирани 35 милиони туристи, според официјалните проценки.