Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес соопшти дека досега се уапсени 18 лица во врска со криминални активности поврзани со пожарите во Итон и Палисадес.
Обвиненијата вклучуваат грабеж, кражба, кражба на идентитет, поседување алатки за кражба и поседување наркотици, изјави заменик-шерифот Мајрон Џонсон, пренесе ABC News. Еден од осомничените бил на активен условен отпуст и бил обвинет и за поседување огнено оружје, додаде тој.
Полицискиот час воведен во областите погодени од пожарите Палисадес и Итон е на сила до натамошно известување.
„Оваа мерка е преземена за да се подобри јавната безбедност, да се заштити имотот и да се спречи грабежот во областите каде што жителите се евакуирани“, рече Џонсон.
Во моментов во округот Лос Анџелес горат пет пожари.
Според официјалните податоци, најмалку 11 лица загинале, а властите предупредуваат дека точниот број на жртви нема да се знае додека истражителите не можат безбедно да влезат во погодените населби, пренесува Танјуг.