Александер Шаленберг ја презема функцијата канцелар на Австрија

Сподели со своите пријатели

Австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг денеска положи заклетва како привремен канцелар на земјата.

Loading...

Австрискиот претседател Александар Ван дер Белен изјави дека функцијата му ја доверува на членот со најдолг стаж на федералната влада, објави јавниот сервис ОРФ.

Шаленберг привремено ја презема функцијата канцелар откако Карл Нехамер од Австриската народна партија поднесе оставка по неуспехот на преговорите за формирање владина коалиција меѓу неговата партија и Социјалдемократската партија на Австрија и „Новата Австрија и либералниот форум“ (НЕОС).

Нехамер поднесе оставка и од неговото претседателство со партијата и од функцијата канцелар во текот на викендот.

Ван дер Белен потоа му го даде мандатот на лидерот на екстремно десничарската Партија на слободата на Австрија, Херберт Кикл, да формира влада.

Шаленберг сега е вршител на должноста канцелар по втор пат откако беше во 2021 година кога поранешниот канцелар Себастијан Курц поднесе оставка поради обвинувања за корупција и ќе остане министер за надворешни работи додека не се формира нова влада.

За денеска е планиран телефонскиот разговор на Шаленберг со германскиот канцелар Олаф Шолц, а во текот на викендот треба да разговара и со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Поради преземањето на функцијата канцелар, Шаленберг мораше да ги одложи планираните патувања во Сирија и Турција.

Loading...

Партијата на слободата на Австрија победи на парламентарните избори во септември кога освои 28,8 отсто од гласовите пред конзервативната Австриска народна партија на канцеларот во заминување Карл Нехамер, која се најде на второто место.

Неизвесно е дали преговорите меѓу екстремната десница и конзервативците за коалиција ќе бидат успешни, а во актуелниот парламент нема други реални опции за формирање влада, наведува американската агенција.

Ван дер Белен му го даде мандатот на Нехамер за формирање влада во октомври, откако неговата партија објави дека нема да влезе во влада со Партијата на слободата додека ја водеше Кикл, а другите партии ја отфрлија можноста за соработка со екстремната десница.

Обидите за формирање владејачка коалиција без екстремната десница пропаднаа во првите неколку дена од оваа година, по што Нехамер во саботата најави оставка.

Партијата на Нехамер тогаш посочи дека можеби е отворена за соработка со Кикл.