Во рускиот напад на Запорожје загинаа 13 лица, а 109 се повредени, изјави шефот на Регионалната воена управа (ОВА) Иван Федоров.
„Тринаесет мртви, 109 ранети – ова се последиците од непријателскиот напад на Запорожје“, напиша тој вчера на својот канал Телеграм, пренесува Укринформ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера ги повика членовите на Контакт групата за одбрана на Украина да ја зголемат испораката на системи за противвоздушна одбрана за Украина.
„Навистина ни требаат системи за противвоздушна одбрана. Веќе ни ги дадовте, многу ви благодарам и ни требаат многу системи“, рече Зеленски на 25-от состанок на Контакт групата за одбрана на Украина во воздухопловната база Рамштајн во Германија, пренесе украински Интерфакс. како што јави Танјуг.
Тој потсети дека Украина преговара со САД за лиценцирање на производство на системи за противвоздушна одбрана во Украина и дека, како што оцени, „може да стане значаен дел од безбедносните гаранции на Киев и тоа е апсолутно реално“.
Зеленски, исто така, повика на исполнување на договорите за снабдување со воена опрема на првите линии и се заблагодари на секоја земја што ѝ помага на Украина со артилерија, оклопни возила и „се друго што е потребно“.
Тој ги повика партнерите да инвестираат во производство на дронови во Украина.
„Украинците имаат најголемо искуство во користењето на дронови во Европа. Имаме и најголем капацитет за производство на дронови во Европа. Затоа, пред сè, ве замолувам да инвестирате повеќе во овие сили на Украина, бидејќи по војната тие ќе станат и ваша сила“, рече украинскиот лидер.
Тој, исто така, ги изрази своите проценки дека загубите на Северна Кореја во руската војна против Украина веќе изнесуваат 4.000 војници.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин најави дека САД ќе испратат уште 500 милиони долари воена помош за Украина.
„Денеска објавувам нов пакет помош за Украина во вредност од 500 милиони долари. Пакетот вклучува ракети за борбени авиони, опрема за одржување Ф-16, оклопни системи и мало оружје и муниција“, рече Остин, отворајќи го гореспоменатиот состанок на Контакт групата во американската воздухопловна база Рамштајн во Германија, според Асошиејтед прес.
Оружјето се финансира преку овластување за повлекување на претседателот, што значи дека може да се извлече директно од залихите на САД, а Пентагон е посветен да го достави до Украина пред крајот на месецот, рече Остин.
Генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека земјите од Алијансата мора да направат се што е можно за да и дозволат на Украина да продолжи со своите вооружени акции.
„Мораме да направиме се што е можно за да и обезбедиме на Украина потребната опрема и обука за продолжување на борбата“, рече Руте, како што е објавено на официјалниот канал на НАТО Њуз Јутјуб.
Според него, не е во прашање само Украина, туку и пошироката геополитичка слика. Тој нагласи дека Украина треба да се стави во најповолна позиција за преговори и предупреди дека негативниот исход од преговорите за таа земја може да има пошироки глобални последици, бидејќи тоа би можеле да го искористат Кина, Северна Кореја и Иран.