Канадскиот премиер Џастин Трудо реагираше на изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека Канада треба да стане 51-та држава на САД, велејќи дека тоа нема да се случи.
Трудо одговори на коментарот на CNN дека Трамп го нарекол „гувернер на сојузната држава“.
Тој рече дека главен проблем меѓу двете земји е прашањето на регулативата во однос на царинските тарифи.
Тој посочи дека САД може да претставуваат закана за канадската економија, но предупреди и дека воведувањето дополнителни царини, кои ќе ги ограничат канадските производи, исто така ќе им наштети на американските потрошувачи.
„Канаѓаните се исклучително горди што се Канаѓани. Еден од најлесните начини на кои се идентификуваме е фактот дека не сме Американци. Сè што американскиот претседател ќе се обиде да направи за да и наштети на канадската економија ќе им наштети и на американските потрошувачи. Уверен сум дека можеме да постигнеме подобри резултати ако работиме заедно“, рече Трудо.
Канадскиот премиер во понеделникот објави дека поднесува оставка како лидер на Либералната партија.
Тој ќе остане на функцијата премиер додека не се избере неговиот наследник.
Трамп на социјалната мрежа Truth Social изјави дека многу Канаѓани би сакале да станат државјани на 51-та американска држава.
„САД повеќе не можат да ги толерираат огромните трговски дефицити и субвенции кои и се потребни на Канада за да опстане. Џастин Трудо го знаеше ова и поднесе оставка. Ако Канада се спои со САД, нема да има царини и даноците ќе се намалат. Би биле целосно безбедни од опасните руски и кинески бродови кои постојано ве опкружуваат. Колку голема нација би била тоа“, напиша Трамп.