Французинот Доминик Пелико кој речиси десет години ја дрогирал својата поранешна сопруга Жизел и за тоа време го олеснувал нејзиното силување од непознати лица, денеска со одлука на францускиот суд во градот Авињон е осуден на максимална затворска казна од 20 години.
Останатите лица вклучени во силувањето исто така беа прогласени за виновни и добија казни од 3 до 13 години.
Случајот со Жизел Пелико, која стана симбол на борбата против сексуалното насилство барајќи судскиот процес кој траеше последните 3 и пол месеци да биде отворен за јавноста заради подигање на свеста, денеска доби епилог.
Како што пренесува Гардијан, сите обвинети (сопругот и уште 50 мажи, од кои повеќето ги негираа обвиненијата) се прогласени за виновни.
46 од нив се прогласени за виновни за силување, двајца за обид за силување и двајца за сексуален напад.
На едно лице, кое не ја силувало Жизел, му било судено за злоупотреба на сопругата со помош на Доминик Пелико.
Едно лице е во бегство и му се судеше во негово отсуство.
Доминик Пелико беше осуден на 20 години затвор за тешко силување, правење и дистрибуирање фотографии од Жизел, а исто така беше прогласен за виновен за правење и дистрибуција на сексуални фотографии од неговата ќерка Каролина и сопругите на неговите синови.
Останатите 50 лица добија затворски казни од 3 до 13 години, пишува Дојче веле.
Пред судот во Авињон, Франција се собраа голем број луѓе кои овие неколку месеци ја поддржаа Жизел Пелико во нејзината борба за правда.