Песков: Русија презема мерки за да ја обезбеди безбедноста на своите воени бази во Сирија

Сподели со своите пријатели

Руската армија во Сирија прави се што е потребно за да ја обезбеди безбедноста на воените бази во таа земја, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Loading...

Тој нагласи дека, иако Русија ги презема сите мерки на претпазливост, во моментов е рано да се зборува за одржување на руското воено присуство во Сирија, пренесува РИА Новости.

На прес-конференцијата Песков додаде дека средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и сирискиот претседател Башар ал Асад, кој е во Русија, не е во официјалниот распоред.

Претходно денеска претседателот на комитетот за одбрана на руската Државна дума Андреј Картаполов изјави дека нема закани за руските воени бази и воени контингенти во Сирија.

„Нема отсечени воени единици, сите се таму каде што треба да бидат во согласност со одлуките на командата и си ги исполнуваат задачите“, изјави Картаполов, пренесува Интерфакс.

Сириските опозициски сили го зазедоа Дамаск во неделата и изразија подготвеност да соработуваат со меѓународната заедница за стабилизирање на ситуацијата во земјата.

Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Башар ал Асад поднел оставка од функцијата претседател на Сирија, ја напуштил земјата и издал инструкции за мирен трансфер на власта по преговорите, на кои, како што понатаму тврди руското Министерство, Русија не учествувала, пренесува Танјуг.