Министерството за надворешни работи на Кина повика на „политичко решение“ во Сирија што е можно поскоро и враќање на стабилноста и редот откако бунтовниците ја зазедоа сириската престолнина викендов, а нејзиниот претседател побегна во Русија.
Кина внимателно го следи развојот на настаните во Сирија и се надева дека сите релевантни страни ќе дејствуваат во согласност со основните интереси на сирискиот народ, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг на редовната прес-конференција.
Во неделата, сириските бунтовници објавија на државната телевизија дека го собориле претседателот Башар ал Асад, ставајќи крај на 50-годишната семејна династија во офанзива што ги поттикна стравувањата од нов бран на нестабилност на и онака разурнатиот од војна Блискиот Исток.
Метеорскиот подем на бунтовничката алијанса предводена од Хајат ал Тахрир ал Шам (ХТС), поранешен огранок на Ал Каеда, означи една од најголемите пресвртни точки за регионот во последните генерации.
САД, Турција и Обединетите нации ја прогласија ХТС за терористичка група.
„Иднината и судбината на Сирија треба да ги реши сирискиот народ и се надеваме дека сите релевантни страни ќе најдат политичко решение за да ја вратат стабилноста и редот што е можно поскоро“, рече Мао.