Специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави за Блискиот Исток, Амос Хохштајн, го отфрли договорот со кој би била вклучена израелска воена тампон зона во Либан, нарекувајќи го „фантазија“.
Хохштајн вели дека Ерусалим може да инсистира на тампон зона, но Либан никогаш нема да се согласи Израел да го окупира јужниот дел на земјата, што значи дека прекуграничните напади на Хезболах ќе продолжат.
„Од друга страна, да се каже дека можевте да имате подобар договор што ги сведува сите овие елементи на фантазијата на ништо повеќе од тоа – фантазија“, рече тој во интервју за Канал 12, објави „Тајмс оф Израел“.
Висок советник на американскиот претседател Џозеф Бајден вели дека тампон зоната ќе бара од Израел да остане во Либан како окупаторска сила – нешто што ниту една суверена земја не би го прифатила.
Тој, исто така, ги негираше израелските тврдења дека САД размислуваат за акција против Израел во Советот за безбедност на ОН, доколку тој не се согласи да ги прекине борбите со Хезболах.
„Во ниту еден момент немаше таква дискусија. Тоа никогаш не се појави“, изјави Хохштајн.
60-дневниот договор за примирје меѓу Израел и Хезболах беше постигнат со посредство на САД и Франција.
Израелската армија повтори дека е подготвена да дејствува внатре во Либан, доколку смета дека е потребно, и дека израелската авијација ќе нападне секој што ќе се обиде да го прекрши договорот за прекин на огнот, како и дека нема да дозволи безбедноста на израелските жители да биде се закани.
Претседателот на либанскиот парламент, Набих Бери, објави дека војната со Израел во изминатите неколку недели е „најопасната фаза“ во историјата на Либан и го повика населението да се врати во својата земја.
Жителите на Бејрут полека почнаа да се враќаат во својот град, но нивните домови беа главно уништени во гранатирањето на ИДФ.
Израелски тенк вчера истрела два проектила врз либанскиот град Маркаба, 24 часа по стапувањето на сила на прекинот на огнот со кој се забрануваат „офанзивните воени операции“, изјавија за Ројтерс либански безбедносни извори.
Во нападот се повредени две лица.
Прекинот на огнот меѓу Израел и Хезболах стапи на сила вчераутро, како дел од договорот постигнат со посредство на САД и Франција.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, за време на разговорот со неговиот британски колега Џон Хили изјави дека Израел насилно ќе го спречи Иран доколку таа земја се обиде да прошверцува оружје во Либан.
Тој посочи дека Иран наводно се обидува да воспостави нови фронтови против Израел.
Либанската милитантна група Хезболах соопшти дека постигнала „победа“ над Израел и дека нејзините борци се подготвени по стапувањето на сила на прекинот на огнот меѓу двете страни. Хезболах додаде дека неговите борци „ќе останат целосно подготвени да се справат со амбициите на израелскиот непријател и неговите напади“.