Министерството за внатрешни работи (МВП) на Грузија денеска соопшти дека за време на протестите во Тбилиси се уапсени 43 лица, под обвинение за нарушување на јавниот ред и мир и непочитување на полициските наредби.
МУП соопшти дека на протестот се повредени 32 полицајци, од кои 13 потешко, додека еден се уште е во болница, објави порталот Civil.ge.
МУП изјави дека користела „специјални средства дозволени со закон за да спречи насилни дејствија“ од демонстрантите.
Според порталот Civil.ge, повеќе извештаи укажуваат на незаконска и прекумерна употреба на сила од страна на полициски службеници, а сведоци пријавиле и насочени напади со солзавец и комбинирана употреба на водени топови и хемиски надразнувачи.
Зградата на парламентот, околу која дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата, од денеска ќе биде под посебно „црвено ниво“ на безбедност, со што ќе се забрани влез на секого, вклучително и на новинарите, соопшти прес-службата на Собранието.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили изјави дека „очекува силна реакција од европските метрополи“.
„Во центарот на Тбилиси се уште траат протести и репресии. Мета се новинари и политички лидери. Очекувам силна реакција од европските метрополи“, рече Зурабишвили во објавата на социјалните мрежи.
Грузиските безбедносни сили вчера и во текот на ноќта се судрија со демонстрантите во близина на парламентот во Тбилиси, повремено употребувајќи водени топови, а при интервенцијата на полицијата беа повредени неколку новинари, јавуваат грузиските и руските медиуми.
Демонстрантите се судрија со грузиската полиција во Тбилиси во четвртокот вечерта, откако владејачката партија Грузиски сон соопшти дека владата ќе ги прекине преговорите за пристапување на земјата во ЕУ и ќе ги отфрли буџетските грантови на Унијата до 2028 година.
Демонстрантите, кои полицијата ги турна назад на неколку десетици метри од зградата на парламентот, фрлаа корпи за отпадоци и запалија огнови, а поставија барикади од импровизирани средства, електрични скутери и други предмети.
Вчера Европскиот парламент ги прогласи за неважечки неодамна одржаните парламентарни избори во Грузија, тврдејќи дека тие „не веродостојно ја претставуваат волјата на грузискиот народ“ и побара да се одржат нови избори во рок од една година, под меѓународен надзор, објави Политико.
Во соопштението на ЕП се наведува дека за предлогот за прогласување на неважечки избори гласале 444 пратеници од ЕП, а против биле 72, а гласачкиот процес „не бил ниту слободен ниту фер“.
Со оваа одлука ЕП ја повика Европската комисија и другите институции на ЕУ да не стапуваат во контакт со новоформираната влада формирана од партијата Грузиски сон.