Русија и другите противници на Обединетото Кралство се обидуваат да користат вештачка интелигенција за зајакнување на сајбер нападите врз националната инфраструктура, ќе предупреди британскиот министер Пет Мекфејден на конференцијата на НАТО во Лондон во понеделник, дознава Гардијан.
„Русија ќе се обиде да ја загрози електричната мрежа“
Мекфејден, кој е и канцелар на Војводството Ланкастер, ќе го објави формирањето на истражувачка програма во Лондон, наречена Лабораторија за безбедносни истражувања со вештачка интелигенција (LASR), за следење на новите безбедносни предизвици.
Мекфејден ќе предупреди дека постои ризик Русија да се обиде да ја компромитира електричната мрежа.
„Постои опасност вештачката интелигенција да биде оружје свртено против нас“, рече Мекфаден, нагласувајќи дека Велика Британија веќе се соочува со „секојдневната реалност“ на сајбер војната, со напади особено насочени од Русија.
Во текот на изминатата година, руските криминалци и хакери ги „засилија своите напади“ врз Велика Британија, додаде тој, насочени кон другите сојузници на НАТО кои обезбедуваат воена помош за Украина во борбата против руската агресија.
Минатата недела рускиот претседател Владимир Путин директно им се закани на земјите како Обединетото Кралство кои ѝ дозволија на Украина да користи ракети „Олуја сенка“ против цели во Русија.
Путин рече дека Русија „има право“ да возврати со напади врз воени цели.
Како што пишува „Гардијан“, иако малкумина веруваат дека Русија би ризикувала конвенционален воен напад врз членка на НАТО, засилен сајбер напад останува реална можност, потенцијално насочена кон електричната мрежа.
Тие можат да ги оневозможат електричните мрежи, што веќе и го направија на Украина
Мекфаден ќе истакне:
„Русија ги таргетира нашите медиуми, нашите телекомуникациски, нашите политички и демократски институции и нашата енергетска инфраструктура“ и предупреди:
„Со сајбер напад, Русија може да ги исклучи светлата за милиони луѓе. Може да ги оневозможи електричните мрежи .“
Русија во минатото веќе изврши сајбер напади врз украинските електроенергетски мрежи, иако одбранбените системи на Украина се значително подобрени.
Според обвинението на САД, две регионални прекини во декември 2015 и 2016 година им биле припишани на руски хакери од воената разузнавачка служба ГРУ, иако ефектите од секое биле краткотрајни.
Северна Кореја го започна трендот
Вештачката интелигенција веќе е користена од севернокорејските сајбер хакери, според САД, за да создадат подеструктивни хакерски алатки, тренд што се очекува да продолжи.
„Северна Кореја е прва, но нема да биде последна“, рече Мекфејден.
Новата лабораторија ќе се финансира со речиси 10 милиони евра, а се формира во соработка со британската шпионска агенција GCHQ и други владини агенции.
Министрите се надеваат дека приватниот сектор ќе придонесе дополнителни ресурси за заедничко соочување со заканите.