Шпанската полиција го уапси поранешниот висок полицаец Оскар Санчез Гил, откако во ѕидовите и таваните на неговата куќа биле пронајдени 20 милиони евра.
Полицијата ги пронашла парите при рација во неговиот дом во градот Алкала де Енарес, кој се наоѓа на 30 километри источно од Мадрид, објави Гардијан.
Исто така, во канцеларијата на Санчез Гил се пронајдени еден милион евра, скриени во два заклучени кабинети, во банкноти од 50 до 500 евра.
Санчез Гил и неговиот партнер се обвинети за трговија со дрога, перење пари, корупција и членство во криминална организација.
По појавувањето на судот во Мадрид минатата недела, на двајцата им беше одреден притвор.
Санчез Гил, кој до неодамна го водеше одделот за борба против измами и перење пари на шпанската полиција во Мадрид, беше уапсен заедно со уште 15 лица, меѓу кои и неговиот партнер, кој исто така е полицаец во Мадрид.
Истрагата е поврзана со заплената на 13 тони кокаин, кој беше запленет минатиот месец во пристаништето Алгесирас на југот на Шпанија.
Кокаинот, кој бил скриен во кутии со банани, пристигнал од Гвајакил, најголемиот град во Еквадор, кој е познат како центар на трговија со дрога.
Според информациите од истрагата, Санчез Гил бил под сомнеж од неговите колеги, кои го прислушувале неговиот телефон.
Официјални извори рекоа дека тој бил осомничен дека работел за дилери на дрога најмалку пет години и им давал информации за надзорот на контејнерите во шпанските пристаништа, што им овозможило да ја избегнат контролата.