Секретарот на Советот за безбедност на Русија, Сергеј Шојгу отпатува за Обединетите Арапски Емирати, каде се очекува да се сретне со претседателот Мохамед бин Зајед Ал Најан за да разговара за меѓународната безбедност и соработка, соопшти Советот за безбедност на Русија.
„Шојгу отпатува во работна посета на Обединетите Арапски Емирати. За време на дводневната посета се планирани средби со највисокото раководство на ОАЕ во главниот град Абу Даби“, се наведува во соопштението на Советот.
Се очекува Шојгу со претседателот на ОАЕ да разговара за меѓународната безбедност, билатералната соработка во политичката, трговската, економската и воено-техничката сфера.
На дневен ред се и прашањата за интеракцијата меѓу агенциите за спроведување на законот и специјалните служби на Русија и ОАЕ.
Шојгу претходно изјави дека односите меѓу Москва и Абу Даби се исклучиво засновани на доверба и партнерство и дека се од стратешко значење за двете земји.