Општинското основно училиште „11 Октомври“ – Куманово го прославува денес 60-годишниот јубилеј од своето постоење. Свеченоста ќе се одржи во 17:00 часот со приредба во амфитеатарот на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
Покрај учениците под менторство на нивните наставници, во сценографскиот настап од програмата ќе се приклучат учесници од културно-уметничкото друштво „Српски вез“ и од локалното приватно училиште за сценски уметности танци и театарски продукции „Skill Factory“.
Со свои дела на сцена ќе заземат учество и надворешни специјални гости, Лазар Наумов, наставник по музичко образование во ООУ „Славејко Арсов“ – Штип со музички настап на неговиот ученик Стефан Димитров, со виолончело, и останатите гости со ликовна изработка, Никола Бојаџиев, ликовен педагог од ООУ „Ванчо Прке“ – Штип со два ученика, Маја Ефтимова-Стојанова, наставник по ликовно образование од ООУ „Кирил и Методиј“ – Свети Николе со два ученика, Зоран Апостолов, наставник по ликовно образование од ООУ „Гоце Делчев“ – Свети Николе со еден ученик и Бојан Тосевски, наставник по ликовно образование од ООУ „Методи Митевски-Брицо“ – Лозово со два ученика.
„Во претходниот период, нашето училиште спроведе мноштво на активности од областа на спортот и уметноста, разни училишни и меѓуодделенски натпревари кои интерно ги организираат наставниците со целосна посветеност за интегрирање на децата со посебни образовни потреби.
Горди сме на нашите наставници кои образовале и обликувале личности од многу генерации на ученици во сите изминати декади од формирањето на нашето училиште. Меѓу овие луѓе има значајни претставници од разновидни професии кои за време на нивниот работен стаж извршувале, а голем дел од нив сè уште извршуваат клучни функции на општинско и на државно ниво во служба на граѓаните.
Врз основа на моето лично искуство и пракса како наставник, а сега на функција како раководен орган на училиштето, за наставниците би го рекла следново низ неколку куси описи: наставниците се неуморни двигатели на современото општество, чувари на просветителскиот дух, одржувачи на дисциплината и редот, творци на интелектуализмот, вечни критичари на едноумието и на незнаењето, храбри борци против моралната корозија и вешти вајари на homo futúrus – човекот на иднината.
Преку овој сликовит омаж чувствувам должност да потенцирам дека единствено она општество, во кое наставникот е препознаен како почитуван субјект во државната хиерархија и добива почесно место како креатор/вајар на човекот на иднината, може да се надева на сеопшт напредок и на светла перспектива.“ – изјавува Драгица Спасиќ, директорот на ООУ „11 Октомври“ од Куманово.
Заинтересирани граѓани може да се информираат за работата ова училиште посетувајќи го неговиот званичен веб-портал на следнава врска https://www.oou11oktomvrikumanovo.edu.mk/.
Нека му е честит и вековит роденденот на училиштето ООУ „11 Октомври“ – Куманово и нека им е вечна славата на паднатите борци за слобода!
Интегрално соопштение