Агент на американската тајна служба е под истрага за сексуално недолично однесување, откако бил вмешан во инцидент со вработена во канцеларијата на американската потпретседателка Камала Харис, соопшти нејзиниот кабинет.
Во соопштението објавено во средата се вели дека канцеларијата на Камала Харис има „нулта толеранција за сексуално недолично однесување“.
Забележано е дека Тајната служба ги предупредила високите функционери за инцидентот во кој бил вмешан агент и ги информирала дека започнала истрага.
Не се именувани ниту агентот на Тајната служба, ниту лицето вработено во канцеларијата на Камала Харис, објави Ројтерс.
Портпаролот на Тајната служба рече дека агентот е на административно отсуство во очекување на истрага за наводите за недолично однесување, без да даде дополнителни детали.
Агент на тајната служба оваа недела наводно сексуално нападнал вработена во канцеларијата на Камала Харис во хотелска соба во американската сојузна држава Висконсин, објави американскиот портал Real Clear Politics (Real Clear Politics).