Во Њујорк почнува генералната дебата на Генералното собрание на ОН

Сподели со своите пријатели

Во Њујорк денеска ќе почне генералната дебата на 79-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации (ОНГА), каде ќе се соберат повеќе од 140 светски лидери и претставници на држави.

Loading...

Генералната дебата ја отвора генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, а потоа по утврдениот редослед прв говори претседателот на Бразил Луис Инасио Лула да Силва, втор на листата на говорници е претседателот на САД, Џозеф Бајден, а трет е претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.

Најавено е дека овогодинешната тема ќе биде заедничка акција за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации, но секој говорник може да претстави тема која ја смета за особено важна.

Седницата на Генералното собрание на ОН се смета за еден од најголемите дипломатски настани во светот, а оваа година се одржува во сенка на растечките кризи, конфликти и војни ширум светот, пренесува Танјуг.

Меѓу темите на овогодинешната дебата секако ќе бидат војните во Газа, Судан, како и зголемената можност за ескалација на војната на Блискиот исток, а многу светски лидери ќе зборуваат и за конфликтот во Украина.

Во четврток наутро треба да зборува палестинскиот претседател Махмуд Абас, а в четврток попладне израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Говорот на украинскиот претседател Володимир Зеленски е закажан за среда на 25 септември, додека ставот на Русија ќе го изнесе шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во сабота на 28 септември.

За лидерите на малите островски земји и другите погодени од климатските промени, борбата против глобалното затоплување исто така ќе биде тема.

Loading...

На секој учесник во општата дебата му се доделуваат 15 минути за презентација.

Генералната расправа ќе трае до понеделник, 30 септември.