Австриската полиција во петокот објави дека уапсила трет осомничен за планираниот напад на три концерти на Тејлор Свифт во Виена, кои беа откажани поради закани, пренесе АП.
Главниот осомничен, 19-годишник, планирал да ја нападне толпата која требало да се собере пред стадионот Ернст Хапел.
Се проценува дека секоја вечер пред стадионот би имало по 30.000 луѓе, а внатре уште 65.000.
Главниот осомничен го планирал нападот со нож и рачно изработен експлозив и се надевал дека ќе „убие што е можно повеќе луѓе“, соопштија властите.
Тој е во затвор заедно со уште еден 17-годишен осомничен. Двајцата се државјани на Австрија.
Како што објави во четвртокот Гласот на Америка на македонски јазик, главниот осомничен се вика Беран Алији и е австриски државјанин по потекло од Македонија.
Осомничениот 17-годишен има хрватско и турско потекло.
Третиот осомничен е 18-годишен ирачки државјанин, изјави австрискиот министер за внатрешни работи. Уште еден 15-годишник бил приведен на информативен разговор, но не бил уапсен.
Тејлор Свифт ќе отпатува за Лондон на стадионот Вембли каде што треба да одржи пет концерти почнувајќи од 15 август.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан изјави дека ги разбира причините за откажувањето на концертот во Виена, но дека „се обидуваат да продолжат понатаму“.
Планираниот напад во Виена многумина потсети на нападот што се случи во 2017 година во Манчестер на концертот на Аријана Гранде, кога беа убиени 22 лица.
Бомбата експлодирала на крајот од нејзиниот концерт додека илјадници обожаватели ја напуштале салата. И тоа е најсмртоносниот екстремистички напад во ОК во последниве години.
Австриските власти соопштија дека осомничените биле инспирирани од Исламската држава и Ал Каеда. Главниот осомничен, како и трето уапсениот осомничен, се заколнале на верност на Исламската држава. Во нивните домови биле пронајдени експлозиви.
Третото уапсено лице доаѓа од „социјалниот круг на главниот осомничен“, но не е директно поврзан со заговорот, рече австрискиот министер за внатрешни работи.
Во соопштението доставено од австриското министерство до агенцијата АП, се наведува дека „властите преземаат решителни чекори против секој кој може да биде вклучен во терористички активности или кој покажува радикални тенденции“.