Шеесет и петгодишен жител на селото Младо Нагоричане вчера загина откако го прегази приколка од товарно возило.
– На 06.08.2024 околу 10.50 часот во СВР Куманово било пријавено дека на крстосницата од ул.„Ѓорче Петров“ и крак од ул.„Ѓорче Петров“ во Куманово, Л.Д.(65) од с.Младо Нагоричане, општина Старо Нагоричане, бил удрен од приколка и починал на местото, информираат од Секторот за внатрешни работи Куманово.
Како што појаснуваат од полицијата, тој со товарно возило влекач „ман“ со приколка со кумановски регистарски ознаки превезувал работна машина багер.
На местото на настанот го запрел возилото и со сопатникот Љ.Б.(37) од с.Бразда, започнале со истоварање на работната машина од приколката.
Откако Љ.Б. влегол во багерот, Л.Д. останал надвор од возилото да му дава насоки да го спушти од приколката.
Притоа, приколката се придвижила, при што влекачот удрил во паркирано патничко возило „форд“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од И.В.(47) од Куманово, кој се здобил со повреди, констатирани во болницата во Куманово.
Во обид да го запре возилото, Л.Д. бил прегазен од приколката и од здобиените повреди починал на местото.
Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а увид извршиле јавен обвинител, екипа од СВР Куманово и трудов инспектор, велат од кумановската полиција.
Никола Ивановски