79 години од нападот со атомска бомба на САД врз Хирошима

Сподели со своите пријатели

Во Хирошима денеска беше одбележана 79-годишнината од нападот со атомска бомба на САД, а околу 50.000 луѓе со едноминутно молчење им оддадоа почит на жртвите од нападот.

Loading...

Градоначалникот на Хирошима Казуми Мацуи ги повика луѓето да се обединат за да ги повикаат светските лидери да се откажат од нуклеарните закани во услови на глобални конфликти, вклучително и војна во Украина и на Блискиот Исток.

Мацуи рече дека војната во Украина и влошувањето на конфликтот меѓу Израел и Палестинците ја продлабочуваат недовербата и стравот меѓу народите и го зајакнуваат ставот дека употребата на сила за решавање на конфликтот е неизбежна, пренесува агенцијата Кјодо.

Тој додаде дека секоја критична ситуација може да се надмине со дијалог, наведувајќи дека Студената војна е доведена до крај со дијалогот меѓу последниот лидер на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов и тогашниот американски претседател Роналд Реган.

Тој ги повика и сите светски лидери да ја посетат Хирошима, бидејќи така подобро ќе ги разберат последиците од атомското бомбардирање.

Јапонскиот премиер Фумио Кишида истакна дека должност на таа земја, која искусила употреба на нуклеарно оружје, е постојано да работи на тоа да нема нуклеарно оружје во светот.

Високиот претставник на ОН за прашања на разоружувањето Изуми Накамицу ја прочита изјавата на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш во која тој изјави дека од минатата година, глобалната недоверба и поделби дополнително се продлабочиле и дека „некои непромислено штракаат со нуклеарниот меч“.

„Светот мора да се обедини и заедно да го осудиме ова неприфатливо однесување. И ние мора да најдеме нови решенија за заживување на разоружувањето“, посочи Гутереш.

Loading...

На церемонијата присуствуваа претставници на 109 земји и на Европската унија, а беа пуштени стотици бели гулаби како симболи на мирот. Атомската бомба фрлена од САД врз Хирошима на 6 август 1945 година, при крајот на Втората светска војна, го уништи градот, убивајќи 140.000 луѓе.

Втората бомба беше фрлена три дена подоцна врз Нагасаки, при што загинаа 70.000 луѓе.

Јапонија се предаде на 15 август. Оние кои ги преживеале нападите со атомска бомба имале трајни ефекти, бидејќи биле изложени на радијација.

Вкупниот број на преживеани од нападите на Хирошима и Нагасаки во март изнесува 106.825, што е за 6.824 помалку од пред една година, покажуваат податоците на јапонското Министерство за здравство, труд и благосостојба.

Преживеаните од Хирошима и Нагасаки се познати како „хибакуша“ и се залагаат за забрана на нуклеарно оружје.