Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска пристигна во Лаос на состанокот на министрите за надворешни работи на Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН), а на маргините на средбата ќе се сретне и со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.
Посетата е дел од азиската турнеја чија цел е зајакнување на американските врски со регионот, а Блинкен ќе ги посети и Виетнам, Јапонија, Филипини, Сингапур и Монголија, пренесува АП.
„Разговорите имаат за цел дополнително да ги продлабочат врските меѓу САД и АСЕАН на основа без преседан“, соопшти Стејт департментот непосредно пред Блинкен да пристигне во Виентиан.
Ова е 18-та посета на Блинкен на Азија откако ја презеде функцијата пред повеќе од три години, а зачестеноста на неговите посети ја одразува конкуренцијата меѓу Вашингтон и Пекинг во регионот, рече АП, додавајќи дека точките на спор меѓу САД и Кина се трговијата, човековите права и Тајван.