Рускиот и сирискиот претседател Владимир Путин и Башар ал Асад денеска се сретнаа во Кремљ.
„Многу ме интересира вашето мислење за тоа како се развива ситуацијата во регионот. За жал, има тенденција на ескалација, тоа го гледаме. Тоа директно се однесува и на Сирија“, му рекол Путин на Асад на почетокот на средбата.
Кремљ денеска соопшти дека двајцата се сретнале вчера.
Путин и Асад последен пат се сретнаа во март 2023 година во Москва на 12-годишнината од бунтот во Сирија, кој се претвори во граѓанска војна.
На таа средба Путин ја истакна улогата на руската армија во стабилизацијата на таа земја.
Русија, сојузник со Иран, води воена операција во Сирија од септември 2015 година за да ѝ помогне на владата на Асад во борбата против вооружените опозициски групи и да ја врати контролата врз поголемиот дел од земјата.
Иако најголемиот воен фокус на Русија во моментов е на Украина, таа сè уште е присутна во Сирија и има војници во своите бази таму.
„Со оглед на сите настани што се случуваат денес во светот и во евроазискиот регион, нашата денешна средба изгледа многу важна“, му рекол Асад на Путин преку руски преведувач.