Во фоајето на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во петок од 20 часот ќе биде претставен проектот – Мултимедијалниот триптих „Генеза на хроничната мистерија“.
Во просторот во којшто се поставени три скулптури ќе биде проектиран филм во комбинација со текстуално објаснување на проектот.
За самиот проект менторот- скулпторот Емил Солески ќе запише:
„Генеза на хроничната мистерија
– мултимедијален триптих
– алегорија за губењето на идентитетот
Во време кога надминуваме одредени предрасуди и се бориме со стереотипи, разгорува распаднатото огниште, се занишува празната лулка, а паланзата, и без тег ќе измери нешто, потамина ако треба.
Ликовно-просторниот експеримент е фантастична дијагонала на „архаичниот“ и дигиталниот идентитет.
Концептот предвидува просторна видео интервенција и трансформација, барање нова визија на веќе виден простор.
Триптихот ќе се формира со проекција на видео-аудио материјал врз просторно поставени архаични форми:
Три архаични форми, ликовни метафори:
Распаднато огниште – ликовна метафора за празен дом, градови, села, земја;
Кантар, паланза без тег – ликовна метафора за строгото критичко оценување на немањето рамнотежа во природните, општествените, социјалните односи, принципи, тежнеења, закони;
Празна лулашка – ликовна метафора за негрижата и изгубеното наследство, природно, национално, културно-историско;
Да се гледа низ призмата на објективното, или да се направи ново, субјективно доживување…“