Полска одлучи да изгради тампон зона на границата со Белорусија, пренесува Хина.
На состанокот во Бјалисток на истокот на земјата во понеделникот, владата на премиерот Доналд Туск му нареди на Министерството за внатрешни работи да започне процес на изградба на тампон зона, пренесува ДПА.
Ова има за цел да го отежне илегалниот шверц на мигранти преку полско-белоруската граница и да ги подобри условите за работа на граничарите, армијата и полицијата.
Тампон зоната најверојатно ќе биде широка 200 метри, но на некои места ќе биде многу поширока и до два километри.
Полска, членка на Европската унија и НАТО, има граница со Белорусија долга околу 400 километри.
Мерката е реакција на неодамнешниот фатален напад со нож врз полски војник на граничната ограда.
Армијата соопшти дека војникот бил нападнат од белоруска страна на крајот на мај. Тој беше тешко повреден и на крајот им подлегна на раните.
Постојани проблеми на граница
Полскиот претседател Анджеј Дуда во понеделникот изјави дека ќе се направат сите напори за да се фати и казни напаѓачот.
Новинската агенција ПАП објави дека Туск најави и олеснување на законските прописи за употреба на огнено оружје од страна на безбедносните сили.
Полска и ЕУ го обвинуваат белорускиот лидер Александар Лукашенко дека систематски носи мигранти од кризните региони до надворешните граници на ЕУ со цел да изврши притисок врз Западот.
Во текот на летото 2022 година, Полска ја обезбеди својата граница со Белорусија со жичена ограда висока 5,5 метри и систем за електронски надзор.
И покрај изградбата на граничните структури, мигрантите продолжуваат секојдневно илегално да ја преминуваат надворешната граница на ЕУ.