Претседателот на Движење ЗНАМ – За наша Македонија и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски најави пратеничка група во Собранието.
Според првичните неофицијални проценки, ЗНАМ во Собранието ќе влезе со пет пратеници.
Димитриевски не сакаше да калкулира, но рече дека имаат освоено околу 60.000 гласови во целата држава.
– Продолжуваме понатаму како што ветувавме и во предизборната кампања согласно нашите определби и сето она што беше ветено пред граѓаните. Ние сме партија формирана од граѓаните и ќе работиме за граѓаните, нашата иднина почнува од вечерва и со граѓаните ќе ја креираме убавата слика во иднина на Македонија. Како тоа ќе се движи ќе зависи и од нас и од останатите политички чинители, но и волјата на граѓаните. Она што за мене е многу битно во овој момент е постигнатите околу 60.000 гласови кои ќе се обидеме во иднина да ги потврдиме и целосно да ја потврдиме довербата што ја добивме, рече Димитриевски.
Тој ја честиташе победата на Сиљановска Давкова на претседателските избори, а на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните, упатувајќи и благодарност до скромното членство на својата партија.-
– Нема никакви размислувања, имам ветувања кон моите кумановци ќе останам доследен и со граѓаните на Македонија. Единствено можам моите добри практики да ги спроведам на дело, бидејќи факт е на овие избори дека кога ќе направите анализа покрај ова изборно цунами на ВМРО-ДПМНЕ со многу стратегија и пари, влезе ЗНАМ и оставивме простор за граѓаните, дека сепак ВМРО-ДПМНЕ единствено на претседателските избори изгуби во Куманово, рече тој.
Вели дека разликата од 20.000 гласови не е никаков пад.
– Немаме ние пад. Минатиот пат Максим освои 84.000 гласови, денеска ЗНАМ околу 60.000 гласови. Бројките од нашиот аналитички центар го потврдуваат тоа. Ние вчера немавме пратеник во собранието, сега имаме минимум пратеничка група, изјави Димитриевски.
Уште еднаш потенцираше дека соработка со ДУИ нема да има, се додека таа партија не се реформира.
Никола Ивановски