Кумановци не треба да бидат загрижени за вода за пиење, бидејќи во двете брани има доволно количини акумулирана вода, соопштија од подружницата на АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“.
Во двете брани Липково и Глажња има 19 милиони метри кубни вода.
– Количината е доволна и за вода за пиење и за наводнување. И покрај сушниот период, добро се организиравме, ги исклучивме сите загуби на вода. Водата од притоките на реките се слеваше во браните. Вкупниот капацитет на двете брани е 25 милиони метри кубни вода – изјави раководителот на подружницата, Оливер Илиевски.
Земјоделците веќе се информирани за датумите кога можат да наводнуваат.
– Три дена ќе можат да наводнуваат, два ќе бидат исклучени – информираше Илиевски.
Претпријатието веќе ги доставило до Владата критичните точки за чистење на речните корита и канали, одобрени се и се чека на средства од ресорното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Лани во декември, Регулаторната комисија донесе нови цени на вода. Во моментов за Куманово е определена цена на вода од 4,92 просечна, а одборот донесе одлука за 4, 5 денари, што е најниска. Се чека на одобрување од Владата. По одобрувањето ќе се фактурира кон ЈП „Водовод“. Оваа цена е пониска за 25 проценти од цената која важеше до 2017-та година – потенцираше Илиевски.
МИА