Минатата година била лоша за 4.330 фирми, чии сопственици барајќи излез, се определиле за катанец. Веројатно, како најмало зло.
Таквата одлука не е едноставна и безболна, но во одредени моменти се чини најисправна. Особено во услови на испреплетени надворешни и домашни непогоди – висока инфлација, скапи енергенти, прекини во синџирите на снабдување, минимален раст…
Меѓутоа, во споредба со двете години пред тоа, 2023 и не била до толку критична, секако, доколку се цени според згаснатите фирми.
Па, од податоците на БизнисМрежа.мк може да се согледа линијата на пад. Во 2021 биле затворени 6.993, а во 2022 – 6.857 фирми. Што е за 2.663, односно 2.527 повеќе во однос на минатогодишниот темен биланс.
Како што најмногу фирми се отвораат во Скопје, така и најмногу од затворените имале адреса во главниот град, покажуваат податоците што ги анализираше порталот „Пари.
Исто така, логично е и тоа што меѓу згаснатите доминантно е учеството на трговските фирми, затоа што се смета дека таа дејност овозможува солидна и брза заработка.
ДОБРА ВЕСТ – ПАЃА БРОЈОТ НА ЗАТВОРЕНИТЕ ФИРМИ
За 1.440 фирми 2023 била погубна година. Сепак, било и полошо. Во 2022 година исчезнале 2.299 фирми.
На топ 5 листата се истите градови кои фигурирале и во 2022, со тоа што на четвртата и петата позиција има промена – лани редоследот бил Гостивар, па Куманово, а преклани обратно. Но, значајно е што бројките се пониски.
Битола загубила 263 фирми. Тоа е лоша вест за локалната економија, но кога ќе се спореди со оние 411 од 2022, тогаш може да добие третман и на – добра.
Во Тетово клучот бил решение за 248 фирми. Една година претходно, биле евидентирани 385 затворања.
Во соседството, во Гостивар, состојбата е 198 затворени фирми лани наспроти 305 преклани.
На петото место од оваа неславна листа е Куманово со затворени 182 фирми (340 во 2022).
Со повеќе од сто згаснати фирми во текот на минатата година се уште пет македонски градови: Прилеп – 174, Струга – 154, Охрид – 147, Струмица – 133 и Велес – 110.
НА УДАР – ТРГОВИЈАТА
Трговијата е првиот избор кога се носи одлука за стартување бизнис. Оттаму, не изненадува фактот дека таа дејност бележи и најмногу затворања. Во трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли лани згаснале 1.319 (2.134 во 2022).
Преработувачката индустрија е второпозиционирана како дејност по бројот на затворени фирми во 2023 – вкупно 526 (882 во 2022).
Гледано по ставените клучеви на врата, минатата година други услужни дејности се искачиле едно место погоре на оваа листа. Забележани се 412 затворања (624 во 2022).
Фирми 367 на број (677 во 2022) се затворени во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, кој во 2022 бил третопозициониран.
И во текот на двете години градежништвото се наоѓа на последното место. Лани згаснале 324 фирми (506 во 2022).
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/linija-na-pad-kaj-zgasnuvanjeto-na-biznisite-2/