Австрија успеа да најде алтернативи за руската енергија, вклучително и норвешкиот гас, а складиштата се полни околу 78 отсто, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер.
Нехамер рече дека гасоводот во Украина, преку кој неговата земја добива руски гас, во секој момент може да биде оштетен од терористички напад или гранатирање, пренесува Независне новине.
„Во последниве години, нашата цел беше да се осигураме дека имаме алтернативи во случај рускиот гас навистина повеќе да не е достапен. Тоа не е само прашање на транзит, тоа е и воена зона, што значи дека гасоводот може да биде оштетен во секое време со терористички напад или намерно пукање што би ја дестабилизирало енергетската ситуација“, изјави Нехамер за новинарите.
Уделот на рускиот гас во австрискиот увоз во декември минатата година достигна рекордни 98 отсто, објави во февруари австриската министерка за енергетика Леоноре Гевеслер.