Реконструкцијата на внатрешноста на објектот на Соколана е во тек, информираше денеска градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски.
– Истовремено работиме и на реконструкција на Соколанскиот парк. Го враќаме сјајот на објектите значајни за Куманово, напиша Димитриевски.
Соколана се реконструира во три фази, а притоа се внимава да се заштити објектот каков што бил низ децениите наназад.
Спортскиот објкет датира од доцните 20-ти години на минатиот век од периодот на Кралство Југославија, со зачетоците на Соколското движење, не само на просторите на Куманово, туку и на тогашна Европа.
На ова место се играле најдобрите кошаркарски турнири во поранешна Југославија, а тренирале и врвни гимнастичари.
Соколана има непроценливо значење за кумановци како место каде се одржувале игранки и матинеа.
Владата претходно ѝ ги врати во владение четирите големи спортски објекти на општината, Соколана, спортската сала, градскиот стадион и стрелиштето, но тие се во очајна состојба која локалната самоуправа се обидува да ја промени.
Никола Ивановски