Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека јеменските бунтовници Хути мора да се усогласат со резолуцијата на Советот за безбедност со која се бара итен прекин на сите напади врз бродови во Црвеното Море.
Гутереш бил информиран за воздушните напади на САД и Велика Британија, со поддршка од други земји, изјави портпаролот на ОН Стефан Дијарик, пренесе АП.
Тој ги повика сите нации кои „ги бранат своите бродови од напад да го сторат тоа во согласност со меѓународното право, како што е наведено во резолуцијата“.
Во средата Советот за безбедност ја одобри резолуцијата со 11 гласа. Меѓу четирите земји кои се воздржаа беа Русија и Кина.
Покрај осудата и барањето прекин на нападите на Хутите, резолуцијата имплицитно го осудува главниот снабдувач на оружје на Хутите, Иран.
Дијарик рече дека генералниот секретар, исто така, ги повикува сите страни „да не ја дополнително ескалираат ситуацијата во интерес на мирот и стабилноста во Црвеното Море и поширокиот регион“ и „да избегнуваат дејствија кои можат дополнително да ја влошат ситуацијата во самиот Јемен“.