Врвената огнена мравка, еден од најинвазивните видови во светот, за прв пат е пронајдена во Европа, покажа новото истражување.
Оваа увезена мравка, научно наречена Solenopsis invicta, е родена во Јужна Америка, но во текот на минатиот век се проширила во поголемиот дел од САД, Мексико, Карибите, Кина и Австралија.
Овие инсекти можат да бидат агресивни кога се вознемирени и да нанесат болен убод, кој ја иритира кожата и може да предизвика алергиски реакции.
Мравката може да ги оштети и посевите и локалните екосистеми, пишува CNN.
Пронајден во Сицилија
Истражувачите објавија дека идентификувале 88 гнезда на црвени огнени мравки распоредени на пет хектари во близина на градот Сиракуза во Сицилија, Италија.
„Solenopsis invicta е еден од најлошите инвазивни видови. Може да се шири алармантно брзо. Откривањето на овој вид во Италија беше големо изненадување, но знаевме дека ќе дојде овој ден”, рече главниот автор на студијата Матија Менчети, истражувач во Институтот. за еволутивна биологија во Шпанија.
Иако црвените огнени мравки се откриени во увезените производи во Шпанија, Финска и Холандија, овој тип на колонија никогаш досега не бил потврден, нагласуваат авторите.
Нејасно е како стигнале таму
Во предградијата на Сиракуза беа пронајдени колонии. Не е јасно како и кога огнените мравки стигнале таму.
Истражувачите веруваат дека инсектите пристигнале на транзитна точка со многу човечка активност, како што е градското пристаниште.
Мештаните ги информирале научниците дека бројот на убоди од мравки е зголемен од 2019 година.
Студијата покажа дека ветрот можел да ги пренесе летечките кралици мравки од област северозападно од Сиракуза, каде што се наоѓа комерцијалното пристаниште.
Генетската анализа на мравките откри дека тие најверојатно се шират од САД или Кина, каде Solenopsis invicta е исто така инвазивен вид.
Мравките наскоро би можеле да се шират низ Европа, предупредуваат истражувачите, бидејќи околу седум отсто од континентот – вклучувајќи ги големите урбани области како Барселона, Рим, Лондон и Париз – имаат клима погодна за овој вид, според моделите развиени од авторите на студијата.
Студијата беше објавена во понеделникот во научното списание Current Biology.
Инвазивните видови го чинат светот најмалку 423 милијарди долари секоја година бидејќи предизвикуваат истребување на растенија и животни, ја загрозуваат безбедноста на храната и ги влошуваат еколошките катастрофи ширум светот.