Ким Џонг Ун пристигна во посета на Русија

Сподели со своите пријатели

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун утринава пристигна во посета на Русија, каде треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

Loading...

Ким пристигна на посетата заедно со највисоките воени претставници кои раководат со фабрики за оружје и муниција, објави АП.

Средбата меѓу Путин и Ким ќе се одржи на далечниот исток на Русија, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Се уште не знаеме каде ќе се водат разговорите. На Далечниот исток“, рече Песков, наведувајќи дека ќе се разговара меѓу двете делегации, како и меѓу двајцата претседатели, по што ќе следи официјална вечера, пренесе ТАСС.

Русија и Северна Кореја не се заинтересирани за изјави од САД, истакна Песков, коментирајќи ги предупредувањата на Вашингтон за продажба на севернокорејско оружје на Москва, пренесе Ројтерс.

Песков рече дека се важни интересите на Русија и Северна Кореја, а не предупредувањата од Вашингтон.

Путин и Ким може да разговараат и за испраќање руска хуманитарна помош во Пјонгјанг, изјави утрово рускиот заменик министер за надворешни работи Андреј Руденко, пренесоа руските медиуми.

Севернокорејската новинска агенција КЦНА соопшти дека Ким заминал со воз во неделата попладне придружуван од членовите на владејачката партија, владата и војската.

Loading...

Војската на Јужна Кореја процени дека возот влегол на руска територија рано утринава, изјави Џеон Ха Гју, портпарол на Министерството за одбрана на Јужна Кореја.

Ким влегол во Русија со личен воз и пристигнал на станицата Хасан откако ја преминал границата, изјавиле извори блиски до руските власти, пренесе Кјодо.

Руската агенција ТАСС јави дека Путин во понеделникот пристигнал во Владивосток, каде се одржува Источниот економски форум.

Ким и Путин последен пат се сретнаа во април 2019 година во Владивосток, а денешното патување е прва посета на Ким во странство оттогаш, бидејќи Северна Кореја ги затвори своите граници поради пандемијата на корона.

 

Сите информации поврзани со најновите случувања во Северна Кореја можете да ги прочитате ТУКА.