Жителите на липковско Слупчане испратиле цела листа барања до ЕВН, а меѓу нив бараат компанијата да им го прости долгот за струјата што ја краделе во изминатите години.
Освен тоа, бараат ЕВН да не им фактурира ништо над 3.000 денари без разлика дали ќе потрошат повеќе.
Од ЕВН информираат дека слупчанци повторно пружаат отпор кон екипите кои денеска излегле на терен.
Како што информираат од компанијата, за да дозволат влез во селото, мештаните доставиле официјално барање до ЕВН.
– Инсистираат да им се опростат сите досегашни долгови кои изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3/000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слични други барања кои се спротивни на законските регулативи, велат од ЕВН.
Во дописот испратен од месната заедница Слупчане се бара мерните уреди да не се поставуваат надвор од домовите, а воедно самите жители да имаат пристап до истите.
Условуваат и цената на поставен нов мерен уред да биде 6.000 денари, а истиот да биде поставен само со лична карта од корисникот.
Во случај да им се расипе уред поради прекин на струја, бараат ЕВН да им надокнади штета.
И ова се само дел од условувањата на слупчанци, кои досега имаат огромни суми штета нанесено на компанијата што ја условуваат.
Претходно не дозволија влез на екипите, кога поради преоптовареност на мрежата поради кражби на струја останаа без истата. Тогаш запалија гуми на влезот на селото и не ги пуштија екипите на ЕВН.
Во меѓувреме добија струја откако министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на Липково Еркан Арифи гарантираа дека екипите ќе може да работат непречено.
Од ЕВН потенцираат дека дури 80 отсто од струјата која се троши во оваа липковско село се краде, односно не се наплаќа.
Никола Ивановски