Пожарите во канадската провинција Британска Колумбија изгореа рекордна површина шуми, а ситуацијата најверојатно ќе се влоши поради топлото и суво време, соопштија локалните власти.
Пожарите предизвикаа голема штета и на земјоделците, а во покраината досега загинаа најмалку две лица, пренесува АП.
Министерот за вонредни ситуации на Британска Колумбија, Бовин Ма, рече дека моментално има 391 активни шумски пожари во провинцијата и повеќе од половина се надвор од контрола.
„Знаеме дека патот пред нас е долг, сложен и предизвикувачки“, рече Ма на прес-конференција.
Околу 2.000 пожарникари низ Британска Колумбија се борат со пожарот, а минатата недела властите побараа дополнителни 1.000 пожарникари од странство, пренесува Танјуг.