УНИЦЕФ: 43,3 милиони деца се раселени ширум светот

Сподели со своите пријатели

Детскиот фонд на Обединетите нации (УНИЦЕФ) објави дека бројот на раселени деца во светот достигна 43,3 милиони на крајот на минатата година.

Loading...

„Повеќе од една деценија, бројот на деца принудени да ги напуштат своите домови се зголемува со алармантна брзина, а нашиот глобален капацитет да реагираме останува под голем притисок. Зголемувањето е во согласност со конфликтите, кризите и климатските катастрофи ширум светот“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.

Во извештајот, кој се објавува секоја година, се посочува дека најголемиот дел од раселените деца на овој начин го поминале целото детство и дека „во последната деценија двојно се зголемил бројот на деца насилно раселени од своите домови“.

Војната во Украина и конфликтите во Судан

Поради руската инвазија на Украина, два милиони деца беа принудно раселени, додека еден милион деца беа внатрешно раселени, јавува Анадолија.

Во извештајот се наведува дека од 43,3 милиони деца насилно раселени до крајот на 2022 година, 60 отсто (25,8 милиони) се внатрешно раселени поради конфликти и насилство.

Бројот на деца бегалци и баратели на азил достигна нов рекорд од 17,5 милиони, а оваа бројка не ги вклучува новораселените во 2023 година, вклучувајќи ги и раселените поради конфликтот во Судан.

Во извештајот се наведува дека 940.000 деца веќе се раселени поради конфликтот во Судан, додавајќи дека екстремните временски услови раселеле милиони деца.