Изложба на цртежи „Скици 2022“ во Куманово

Сподели со своите пријатели

Во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово во петок со почеток во 19 часот ќе биде  отворена биеналната изложба на цртежи „Скици  2022“.

Loading...

На изложбата зедоа учество следните академски ликовни уметници: Зоран Јакимовски, Мухамедали Алили-Дали, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Ана Јовановска, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски, Марија Величковска и Симона Димковиќ.

Осмото издание на биеналната изложба на цртежи „Скици 2022“, проект на НУ Центар за  култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, претставува континуиран напор за реализација на идејата – цртежот како ликовна дисциплина и понатаму да биде актуелизиран и промовиран пред пошироката публика и ликовната критика.

Можноста за вклучување на повеќе категории на ликовни уметници (сликари, графичари, скулптори) како и слободата во изборот на техниката и темата понуди разновидни инвентивни цртачки решенија базирани пред сè на индивидуални афинитети и изразни можности.

Цртежите се дадени како почетна идеја за реализација на подоцнежни визуелни решенија но дел од нив се конципирани како комплетни автономни завршени ликовни дела способни независно да егзистираат во просторот.

Личниот творечки печат на 14-те автори од повеќе генерации како и специфичниот третман на цртежот се главната карактеристика на оваа цртачка збирка на триесетина цртежи во разни формати.

Но, она што ги поврзува е, секако, афинитетот кон креативното изразување,  слободата којашто ја дава цртежот како и специфичната ликовна естетика креирана инстантно и непосредно.

Се надеваме дека овие карактеристики на изложбата „Скици 2022“ ќе бидат препознаени  од поширокиот аудиториум а со тоа и можноста цртежот да си го добие заслуженото место на македонската ликовна сцена.

Loading...

Изложбата во Куманово ќе биде поставена до 21.12.2022.

Пишува: Роберт Цветковски, историчар на уметноста