Со состанокот на германските министри за внатрешни работи, како што најави канцеларот Олаф Шолц, продолжува берлинскиот процес, кој во 2014 година го иницираше тогашната канцеларка Ангела Меркел со цел за приближување на Западен Балкан до Европската унија.
Така, во четврток во Берлин ќе се соберат министрите за внатрешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес – осум членки на ЕУ, актуелниот претседавач со ЕУ, како и претставници на Европската комисија и земјите од Западен Балкан, јавува Танјуг.
Министрите за внатрешни работи на Австрија, Франција, Грција, Бугарија, Хрватска, Италија, Полска, Словенија, Чешка како претседавач со ЕУ, Велика Британија и Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија и Косово беа поканети да средбата.
Соработка во борбата против шверцерите
Најавено е дека во Берлин ќе пристигне и еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон.
Според соопштението на МВР на Германија, тема на средбата ќе биде борбата против илегалната миграција, корупцијата и организираниот криминал, како и вооружените групи.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер и нејзиниот австриски колега Герхард Карнер се сретнаа во неделата во Берлин по повод средбата, кои истакнаа дека е потребна прекугранична соработка во борбата против меѓународниот криминал.
„Борбата против шверцерите на луѓе можеме да ја водиме само заедно и ни требаат земјите од Западен Балкан како партнери во тоа“, рече Карнер.
Тој на средбата во Берлин ја поздрави намерата на Германија да поттикне понатамошна соработка во борбата против шверцерите.
Самит на Берлинскиот процес на 3 ноември
Состанокот започнува во 14 часот, а околу 17 часот е предвидена прес-конференција на министерот Фезер и комесарот Јохансон.
Состанокот на министрите за внатрешни работи е подготовка за Самитот на Берлинскиот процес што ќе се одржи во Берлин на 3 ноември.
Пред Самитот, во петок ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи, а во понеделник ќе се одржи состанок на министрите за енергетика.
Берлинскиот процес го иницираше Ангела Меркел со цел да се подобри соработката во регионот на Западен Балкан, со цел побрзо да се подготви за можно членство во Европската унија.