Португалија, зафатена од третиот топлотен бран од почетокот на јули, повторно се бори со неколку пожари.
Вчера попладне речиси 2.000 пожарникари беа мобилизирани за гаснење на пожарите ширум земјата, соопшти португалската Цивилна заштита.
Најголемиот пожар, кој беснееше во околината на Виља Реал, на крајниот север, во неделата почна да се шири кон внатрешноста на тешко пристапната планинска област.
„Според привремената проценка, пожарот изгоре 4.500 хектари“, изјави директорот на националната цивилна заштита Андре Фернандес, пренесува Танјуг.
Португалија во борбата против овој шумски пожар би можела да смета на помошта на двајца грчки канадери испратени како дел од европскиот механизам за солидарност, пренесоа агенциите.
Вонредната состојба, прогласена од владата во неделата, го ограничува пристапот до шумите, забранува пиротехнички изложби и предвидува зголемување на нивото на мобилизација на помош.
Португалскиот метеоролошки институт (ИПМА) денеска објави температура блиску до 40 целзиусови степени во внатрешноста на земјата.
Португалија, која годинава беше погодена од силна суша, го имаше најтоплиот месец јули во последните речиси сто години.