Нема слобода за Палестинец кој 170 дена штрајкува со глад

Сподели со своите пријатели

Врховниот суд на Израел ја отфрли жалбата за ослободување на палестинскиот затвореник Халил Ававди, кој со месеци штрајкува со глад во знак на протест поради неговото притворање без обвинение.

Loading...

Ававди (40) протестира затоа што е затворен, против него не е покренато обвинение, ниту е покрената судска постапка, а Израел неговиот случај го смета за административен притвор.

Неговото семејство соопшти дека тој штрајкува веќе 170 дена и пие само вода, а на фотографијата што ја покажа неговиот адвокат се гледа Ававди во лоша состојба, како лежи во болнички кревет, пренесе АП.

Судот во неделата ја одби жалбата на адвокатот, кој побара итно ослободување поради влошената здравствена состојба на неговиот клиент.

Израелската војска го уапси во декември 2021 година, тврдејќи дека е оперативец на палестинскиот исламски џихад, обвинение кое неговиот адвокат го негираше.

Тој е само еден од неколкуте палестински затвореници кои минатите години започнаа долги штрајкови со глад во знак на протест против израелската политика на административен притвор.

Израел вели дека политиката ги држи опасните милитанти надвор од улиците и и дозволува на владата да приведува осомничени без да открие чувствителни разузнавачки информации.

Семејството на Ававди вели дека тој не јаде од март, кога го започна штрајкот, а неговата состојба се влоши минатата недела.

Loading...

Со оглед на неговата состојба, израелската војска го суспендираше неговиот административен притвор кога беше хоспитализиран, дозволувајќи му на неговото семејство да го посети.

Палестинскиот претседател Махмуд Абас претходно денеска повика на ослободување на сите палестински затвореници од израелските затвори.

Според палестински извори, во израелските затвори има близу 4.550 палестински затвореници, вклучувајќи 175 малолетни и 27 жени, заедно со 670 затвореници кои се во израелски административен притвор без обвинение или судење.