Дмитриј Фирташ (57), украинскиот мултимилијардер кој со години имал огромно влијание врз политичката ситуација во таа земја и кој се збогатил тргувајќи со гас со Русија и веќе осум години живее во егзил во Виена, решил да зборува за актуелната ситуација во интервју за Фајненшл Тајмс.
За многу Украинци, Фирташ е пред се човекот кој го финансираше враќањето на Виктор Јанукович на претседателската функција во 2010 година.
Токму овој корумпиран сојузник на Владимир Путин ја поттикна револуцијата на Мајдан, по што следеше разорна одмазда на Русија во форма на анексија на Крим и поттикнување на востанието во Донбас.
Сега, осум години подоцна, тој тврди дека до последен момент верувал дека војна нема да се случи.
„Ноќта пред нападот, во 23 часот, им реков на колегите дека Путин нема да изврши инвазија, бидејќи ако го направи тоа, тоа ќе биде почеток на крајот за него. Тоа ќе биде крај на неговиот режим. Но, да се разбере Путин, мора да ја разберете историјата на Русија. Што е Русија? Русија е синоним за 1.000 години војна“, рече милијардерот.
Фиртас уште како млад по напуштањето од војска ја започнал својата претприемничка кариера.
Прво тргувал со прехранбени производи во Москва, а потоа започнал бизнис со продажба на млеко во прав и слични производи во поранешните советски држави во Централна Азија.
Многу брзо, Фирташ почнал да користи евтин туркменистански природен гас како платежно средство.
Арбитражата, вели тој, била феноменална. Носеше гас преку Русија и го продаваше во Украина. И со подемот на Путин, неговата улога како клучен посредник во енергетскиот транзит на Украина го стави во центарот на вниманието. И така започна долгорочното „мешање“ на Фирташ со Кремљ.
Со неговото име се поврзува и организираниот криминал, но овој мултимилијардер тврди дека оваа приказна всушност е гориво за неговите политички непријатели во Украина.
Имено, со години се шушка дека Фиртас влегол во трговијата со гас со помош на Семјон Могиљевиќ, кумот на руската мафија.
„Во тоа време организираниот криминал беше ендемичен феномен низ цела Украина, дури влезе и во украинската влада. Да, знаев за Могиљевиќ – сите во украинскиот деловен свет го познаваа – но тој никогаш не беше мој деловен партнер“, се брани Фирташ.
Тој се сеќава како во 2006 година бил претседател на Сојузот на работодавачи на Украина – моќната деловна комора на земјата – а новоизбраниот претседател на Украина стана проевропскиот политичар Виктор Јушченко. Негов премиер беше Јанукович.
„Јушченко ме покани мене, Јанукович и група министри на состанок. Тој сакаше Украина да влезе во НАТО и му требаше нашата поддршка. Јанукович се спротивстави на идејата, а Јушченко ги загуби нервите. Се сврте кон нас и рече дека мора да се потсетиме на овој момент , затоа што додека имаме уште време, а Русија станува посилна, можеме да го направиме тоа. Но, ако наскоро не влеземе во НАТО, Русија ќе нападне. Потоа го погледна Јанукович и го предупреди дека тоа може да му се врати назад. Јанукович тогаш излета… А јас, дали бев дел од задкулисните игри од тие години во Киев? Па, јас сум бизнисмен, а не политичар“, изјави Фирташ за „Фајненшл тајмс“, а пренесува Нова.рс.
Заедно со неговиот колега олигарх Ринат Ахметов, тој стана клучен поддржувач на прорускиот Јанукович, што доведе до неговата победа на претседателските избори во 2010 година.
Фирташ вели дека не го поддржувал Јанукович поради Русија и геополитиката, туку поради Јулија Тимошенко.
Повеќето западни набљудувачи ја гледаат Тимошенко како проевропски реформатор, хероина на Портокаловата револуција, која храбро се бореше против лизгањето на Украина кон Москва.
Таа беше премиер на Јушченко, на местото на непослушниот Јанукович, а потоа се кандидираше за претседател во 2010 година.
Но, Фирташ размислува поинаку. Со години тој беше „во војна“ со Тимошенко, која и самата беше поранешен енергетски магнат – дури ја нарекуваа „гасна принцеза“.
„Доколку Тимошенко станеше претседател во 2010 година, ќе ми ги одземеше сите работни места. Мојата поддршка за Јанукович можеби беше цинична, но тоа секако не се случи бидејќи Путин ми нареди“, вели Фирташ.
На прашањето дали верува дека неговата политика на крајот го загрозила суверенитетот на Украина, тој одговара дека веројатно имало грешки и дека треба да ги признае.
„Разбрав што прават некои украински политичари и разбирам дека тоа е погрешно, но сепак ги поддржав… Мојот сојуз со Јанукович се распадна веднаш откако беше склучен, дури и пред Мајдан. Се згрозувам кога луѓето се сомневаат во мојот патриотизам. За мене до избувнувањето на војната работеа 110.000 Украинци. И за разлика од многу мои богати колеги, речиси сите пари што ги заработив ги вложив во Украина и отворив нови работни места“, вели Фирташ.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски сега сака да се ослободи од олигарсите во земјата, односно има намера да го ограничи влијанието на луѓето како него во јавниот живот на земјата.
И Фиртас сѐ уште е во егзил, благодарение на налогот за екстрадиција на САД за наводен поткуп во индиски рудник за титаниум.
Овој мултимилијардер помина кратко време во виенски затвор, но беше ослободен откако плати кауција од 125 милиони евра.
Запрашан дали мисли дека САД и Европа треба да испратат повеќе оружје во Киев, Фиртас без двоумење вели да.
„Американците, Британците и сите украински сојузници мора да разберат една работа – не можете да бидете полубремени… Приказната „не можеме да ви го дадеме ова, но можеме да ви го дадеме тоа“ е целосна глупост. Ако Западот не ја брани Украина сега, што ќе го спречи Путин да оди понатаму? Затоа што ќе оди понатаму. А кога ќе ги нападне балтичките земји, што ќе прави Европа? Путин ќе оди колку што мисли дека може, освен ако другите не го спречат“, вели Фирташ.
Во моментов, вели тој, целото свое внимание го фокусирал на обидот да извлече жито од Украина. Нејзините силоси содржат три милиони тони. Во мај успеал да извезе само 50.000 тони.
„Глобалната криза со храната ќе стане многу, многу полоша. Цената на житото може многу брзо да се удвои. Путин ќе стори сé што може за да манипулира со ситуацијата на глобално ниво, вклучително и глад, сè“, заклучи тој.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.