Шест категории граѓани ќе добијат субвенции за комуналните трошоци од Општина Куманово во 2021 година, а во рамките на социјалната програма за 2021 година тешка 10 милиони денари, а која ја изгласа Советот на својата 50та седница.
Како што информираше денеска на прес конференција раководителот на Секторот за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, Цоки Ристовски, оваа година програмата е проширена и ќе опфати шест категории граѓани.
– Оваа година со одлуката на Советот на Општина Куманово ќе се субвенционира шест категории и тоа, категорија самохрани родители, каде се предвидени 150 семејства, потоа стечајни работници каде се предвидени 100 семејства. Се воведуваат четири нови категории, згрижувачки семејства, односно семејства кои што имаат потпишано договор со министерството за труд и социјална политика да згрижуваат деца без родители. Спрема нашите информации во општина Куманово има десетина семејства, изјави Ристовски.
Во програмата влегуваат и лица кои имаат статус на деца без родители и родителска грижа, како и лица над 65 години корисници на социјална или старосна пензија.
– Шестата категорија е категорија на граѓани приматели на гарантирана минимална помош, а се станбено необезбедени односно живеат под кирија. Ваквите граѓани кои што спрема нашите сондажи се околу 250 семејства можат да се обратат и да поднесат документи општината да ги субвенционира комуналните трошоци. Според оваа одлука би се опфатиле 600 до 700 семејства од овие шест категории на социјално ранливи групи на граѓани, информираше Ристовски.
Граѓаните кои ќе сакаат да поднесат барање тоа можат да го сторат во архивата на Општина Куманово или во Одделението за социјална и детска здравствена заштита кое се наоѓа во зградата на поранешен Козјак на портирница.
– За секоја категорија има посебни обрасци за поднесување документи и тие документи треба да се поднесат во ахривата. Рокот на поднесување на документите е од 1 до 20 јануари, за да можеме ние како стручна служба да ги изготвиме решенијата и во текотвната 2021 година за целокупната година добијат решение за субвенционирање на комуналнте трошоци, информираше раководителот Ристовски.
За сите прашања кои ги имаат граѓаните на оваа тема, општината отвори и телефонска линија на бројот 075323569.
Никола Ивановски