4‐ти меморијален турнир во одбојка за Теодора Цветковска

Сподели со своите пријатели

По четврти пат годинава во Спортската сала на СОУ „Перо Наков“ во недела ќе се одржи меморијален турнир во одбојка во чест на прерано починатата членка на Одбојкарскиот клуб Куманово, Теодора Цветковска која смртно страдаше во сообраќајна несреќа.

На повикот на организаторот оваа година учеството го потврдиле двете најдобри екипи во младинска категорија во Република Македонија – шампионот во категоријата младинки ОК Универзитет „Гоце Делчев“ и второпласираната екипа во младинска категорија и овогодишен шампион во Сениорска државна лига за жени ОК „Јанта Волеј“.

Турнирот ќе биде отворен во недела во 10:45 часот, а во 11 ќе се одигра првиот натпревар помеѓу екипите на Куманово и Јанта Волеј. Веднаш потоа во 12:15 следува натпреварот меѓу Јанта Волеј и Универзитет „Гоце Делчев“ Штип, а во 13:30 ќе се одигра натпреварот помеѓу ОК Куманово и ОК Универзитет „Гоце Делчев“ Штип. По договор со екипите натпреварите ќе се играат во 2 сета.

Инаку Теодора трагочно го загуби животот откако пред четири години автомобил удри во неа, додека таа се движела по тротоар на булеварот „Октомвриска револуција“, кога поради сериозноста смртно страдаше на лице место.