Деветнаесетгодишник од липковското село Слупчане бил приведен утринава додека шверцувал мигранти од Непал низ кумановско.
– Денеска (13.11.2023) во с.Орашец, кумановско, полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграции го лишиле од слобода И.И.(19) од с.Слупчане, липковско, бидејќи во возилото „фолскваген транспортер“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 12 лица мигранти од Непал, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Како што појаснуваат од МВР, околу 02.20 часот на автопатот „Пријателство“, делница Табановце – Куманово, полициските службеници дале знак за запирање на возилото, но возачот не застанал и продолжил со движење, се исклучил од автопатот на регионалниот пат Куманово – Свети Николе и откако влегол во село Орашец навлегол во нива, по што излегол од возилото и се обидел да побегне.
Набргу бил фатен, а во возилото биле пронајдени мигрантите.
Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Никола Ивановски