Бројот на жртвите од уривањето на покривот на ноќниот клуб Џет Сет во Санто Доминго се искачи на најмалку 184, соопштија властите, додека потрагата по исчезнатите продолжува.
Директорот на Центарот за управување со вонредни состојби, Хуан Мануел Мендез, изјави дека спасувачките тимови сè уште се на терен во потрага по тела и можни преживеани, иако до вторник попладне никој не бил пронајден жив, пренесе АП.
„Ние нема да оставиме никого. Продолжуваме да работиме“, рече Мендез.
Несреќата се случи во вторникот наутро додека стотици луѓе се забавувале на концертот.
Во клубот тогаш имало музичари, спортисти и функционери.
Прво почнала да паѓа прашина од таванот, а потоа се урнал покривот и ги затрупал посетителите со бетонски плочи.
Досега се идентификувани 54 тела, додека најмалку 33 остануваат неидентификувани.
Повеќе од 200 луѓе се повредени, а најмалку 20 лица се хоспитализирани, од кои осум се во критична состојба.
Меѓу жртвите имало истакнати јавни личности, меѓу кои и пејачот Рубио Перез, поранешниот бејзбол играч на главната лига Октавио Доте, саксофонистот Луис Солис, како и неколку владини претставници и странски државјани.
Почина и гувернерот на провинцијата Монтекристи и сестрата на познатиот бејзбол играч Нелсон Круз, Нелси Круз.
На лице место помагаат и спасувачи од Порторико и Израел.
Градоначалничката на Санто Доминго, Каролина Мехија, ја пофали солидарноста на граѓаните, вклучително и волонтерите кои помагаат на терен.
Причината за уривањето на покривот се уште не е позната, а истрагата е во тек.
Клубот „Џет сет“ соопшти дека соработува со надлежните, додека одговорноста за евентуални пропусти се уште се истражува.
Министерството за здравство најави формирање на комисија за психолошка помош на семејствата на настраданите, јавува Танјуг.