Четиринаесетгодишната атлетичарка Јана Анастасовска од Атлетскиот клуб Куманово постави нов државен рекорд во категоријата до 16 години, откако на трката на 60 метри со пречки оствари резултат од 10,19 секунди.
Рекордот беше поставен на XIV Меѓународен атлетски митинг „11 Октомври“, кој се одржа на 10 октомври на атлетската патека во Куманово, во рамките на последниот натпревар на отворено од календарот на Атлетската федерација на Македонија со електронско мерење.

Анастасовска триумфираше во меѓународна конкуренција во дисциплината 60 метри со пречки, во категоријата до 16 години, и го подобри дотогашниот државен рекорд од 10,38 секунди.
Со новиот резултат од 10,19 секунди, таа се запиша на листата на државни рекордери.

Од АК Куманово посочуваат дека дополнителна причина за оптимизам е фактот што Јана има само 14 години, што значи дека и следната година, во 2027 година, ќе има можност да настапува во истата возрасна категорија и да го подобри сопствениот рекорд.
Успехот во трката со пречки не беше единствениот за младата атлетичарка. Таа оствари победи во меѓународна конкуренција и во другите дисциплини во кои настапи – скок во далечина и трката на 60 метри.

Со овој резултат, Анастасовска ја продолжува традицијата на АК Куманово да има најмалку еден државен рекорд годишно.
Клубот потсетува дека во 2025 година неговите членови поставиле вкупно четири државни рекорди, а тројца атлетичари се запишале на листата на државни рекордери.




Никола Ивановски

